Македонија

МВР за изборниот процес

До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

„ По отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме два настани во Кичево и еден во Тетово.Полициски службеници од Полициската станица Кичево го лишиле од слобода Б.К.(64) од Кичево затоа што во 07.45 часот го искинал гласачкото ливче откако гласал на избирачко место бр.0745 во Кичево. По насоки на Јавен обвинител на Б.К. ќе му биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување на изборен материјал“. Во 08.25 часот во Полициската станица Кичево, од избирачкиот одбор во с.Премка било пријавено дека на избирачко место бр.0796 во с.Премка, А.У. од село Премка го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.15 часот во СВР Тетово, заменик претседателка на гласачко место бр.1972 во основно училиште „Братство Миѓени“ во Тетово пријавила дека С.Д. сакала да го оствари своето право на глас без приложување на соодветен документ за идентификација, односно се обидела да гласа прикажувајќи фотографија од нејзината патна исправа на мобилниот телефон, а откако и било кажано дека тоа е противзаконски започнала агресивно да се однесува кон неа. Се работи на расчистување на случајот“, соопшти Ангеловски.

Регистрирани се и пријави за агитација во Кочани и Кратово, но за сега овие пријави не се докажани.

„Апелирам до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата или на бројот 192 или да пријават во најблиската полициска станица“, рече Ангеловски.

На почеток