Свет

Путин и Лукашенко загрижени за полските војници на границата

Рускиот претседател, Владимир Путин, и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко денеска разговарале за мигрантската криза на белоруско-полската граница по што изјавија дека се загрижени поради присуството на полски војници, пренесе белоруската државна новинска агенција „Белта“.

„Посебно место во разговорот зазеде дискусијата за ситуацијата на белоруско-полската граница и за острите постапки од полската страна кон цивилите“, пишува „Белта“.

„Истовремено, беше истакнато дека особено загрижува фактот за собирање редовни полски војници на границата. Претседателите детаљно разговараа за вознемирувачките факти и трендови што се случуваат на границата“, се наведува во извештајот.

Полските власти соопштија дека илјадници мигранти се собираат во близина на границата со Белорусија. Варшава го обвини Минск дека се обидува да предизвика поголем судир преку поттикнување на мигрантите да преминат во Полска и во Европската Унија, што ги разгоре повиците до Унијата за воведување нови санкции кон Белорусија.

Полска објави дека распоредила дополнителни војници и полиција на границата, а соседната Литванија воведе вонредна состојба на границата со Белорусија.

На почеток