Актуелно

Кои се новите одлуки од последната седница на Владата

Владата на Република Северна Македонија на денешната 118 редовна седница донесе одлука за утврдување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, поради недостиг на електрична енергија на домашниот пазар предизвикана со повремени испади на поголеми производствени капацитети и недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија, кои можат да доведат до недостаток на електрична енергија или нарушување на стабилноста на електроенергетскиот систем во Република Северна Македонија.

Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија, и се утврдуваат правата и обврските на државните акционерски друштва Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и МЕПСО, како и на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.

Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија утврдена во оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука и со неа не се предвидени рестриктивни мерки.

Дополнително, со заклучоци на денешната седница на Владата АД ЕСМ е задолжено, во рок од 15 дена да достави пакет мерки за нивните активности за справување со енергетската криза, а Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.

Владата го задолжи Министерството за економија, во соработка со Бирото за јавни набавки да понудат предлог-решение согласно кое ќе им се овозможи на државните институции набавка на електрична енергија од ЕСМ продажба по поевтини цени од оние на отворениот пазар.

На оваа своја седница Владата го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за хартии од вредност со кој се овозможува освен брокерски куќи, банки, друштва за осигурување, друштва за управување со отворени и затворени инвестициски фондови, како основач и акционер во депозитарот да можат да бидат и домашни и странски берзи и депозитари.

Со ова дополнување на законското решение се врши либерализација на пазарот, што е и во насока на поголем техничко-технолошки развој на пазарната инфраструктура во областа на пазарот на капитал со влез на потенцијални странски инвеститори во оваа дејност.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за иницијатива за изработка Физибилити студија за оправданост од воспоставување на специјална економска зона за трговија и стоки (Trade and Commodities Special Economic Zone TACSEZ) во Република Северна Македонија, која доаѓа како резултат на позитивните трендови во Технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) кои налагаат дополнителна поддршка на инвеститорите во воспоставување на специјални економски зони за трговија и стоки кои во голем број земји во Европа се покажале како добар модел во насока на зголемување на инвестициите и нивна одржливост.

За Република Северна Македонија, како првична предност за воспоставување на трговски зони е геостратешката положба на земјата и близината на пристаништата Солун и Драч, како и нагласениот интерес на реномирани странски компании да инвестираат во ваков тип специјални економски зони.

Изработката на физибилити студијата за Специјална економска зона за трговија и стоки нема да повлече финансиски средства од Буџетот на државата бидејќи за нејзина изработка веќе има пројавено интерес од страна на Приватниот инвестициски фонд „North Macedonia Economic Development Fund“ од Скопје.

На денешната седница Владата донесе Одлука за исплата на средства на „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како финансиска поддршка на приватниот сектор за ублажување на последиците предизвикани од кризата од коронавирусот КОВИД-19.

Со оваа одлука се реализира заклучокот на Владата од 59-та седница одржана на 30 март 2021 година, за исплата на средства од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија за реализација на мерка од петтиот сет на антикризни мерки која ги опфаќа сите радиодифузери во земјата за да им се покријат трошоците за 2021 година кон операторот А1 на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување.

На почеток