Се запали ковид болница во Бугарија, тројца пациенти изгореа живи
Пожар избувна во одделението за КОВИД во болницата Хаџи Димитар во бугарскиот град Сливен, при што загинаа три лица, објавија ТВ Нова и БТВ.
Сигналот за пожар бил примен околу 2.40 часот вечерва. Испратени се две противпожарни екипи при што е констатирано дека одделот за КОВИД гори на целиот кат.
Пожарникарите пронашле двајца мажи кои починале на лице место, а третиот кој имал сериозни изгореници со возило на Брза помош бил пренесен во Пловдив. Малку подоцна човекот починал.
Загинатите се мажи на возраст од 66, 70 и 81 година.
Владимир Демирев од регионалната дирекција за противпожарна заштита случајот го коментираше како исклучително тежок и непријатен.
Од неговите зборови стана јасно дека се работи за невнимание, најверојатно од страна на пациент. Во оваа фаза не е идентификуван проблем со системот за снабдување со кислород.
Најверојатно се работи за запалена цигара, а тоа треба да го потврди истрагата.