Неточна е изјавата на Филипче дека сме барале задолжителна вакцинација за приватниот сектор, реагира Сојузот на стопански комори
Вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна и ја демантираме во целост, се наведува во денешната реакција од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
„Ниту од наша страна е испратено писмо на кое тој се повикува, ниту такво нешто сме барале од Министерството, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни, ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, стои во соопштението.
Во него се додава дека Сојузот на стопански комори уште од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата.