Ѓорче Петров има најголем долг, по неа и Кисела Вода – која скопска општина има најмногу пари на сметка
Општината Ѓорче Петров има најголем долг наследен од претходниот градоначалник, а Кисела Вода е на второто место, споредено со останатите пет најголеми скопски општини, пишува „А1он“. Аеродром е единствена општина која се пофали дека новиот градоначалник Тимчо Муцунски затекнал полна општинска каса. Градоначалникот Стевчо Јакимовски, одбива да каже колку должи Општина Карпош, а од Бутел не одговорија на прашањата од „А1он“. Дека никаде не должат, посочија од Општина Гази Баба. Заедничко за сите нови градоначалници е што ќе бараат или веќе чекаат резултати од спроведена ревизија, за едни да утврдат како е настанат долгот, а други да проверат дали имало злоупотреби на општинскиот буџет.
Над 4 милиони евра за фактури и кредити ќе треба да врати Општина Ѓорче Петров. Споредено со податоците доставени од другите скопски општини, ова е најзадолжената. Над 177 илјади евра од долгот се за фактури по договори за набавка, а останатиот дел е за кредити кои се исплаќаат или нивната исплата треба да започне од идната година.
Претходниот градоначалник на општината, Александар Наумоски, не одговори на повиците од „А1он“ за тоа, каква била состојбата со сметката пред четири години, како и, за што се трошени парите кои сега се должат.