ФОТО: Спасовски доби тигар торта, сосе шопска
Министерот Оливер Спасовски заедно со директорот на БЈБ Сашо Тасевски и други раководители од МВР беа на отворање и пуштање во употреба на нова модерна кујна за полициските специјалци во нивната база во касарната Илинден. Новинари не беа поканети, но дојде соопштение од МВР поткрепено со видео и повеќе фотографии.
Новата кујна е сместена во објект предаден од Министерството за одбрана, а реновирањето и опремувањето чинело околу 146 илјади евра. Освен за тигрите, кујната ќе се користи и за приготвување храна во посебни околности за други единици и оддели на МВР и полицијата, за кои има потреба од оброци за време на вршење на полициската функција.
Од она што може да се види, сефте на трпезаријата освен од врвните полициски специјалци е удрено и од врвот на МВР со предјадење -шопска салата и со голема торта со апликација на амблемот на специјалната антитеростичка единица Тигар.
Еве го соопштението на МВР за настанот:
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР денеска во касарната „Илинден“ присуствуваше на пуштањето во употреба на нов објект – кујна за потребите на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
„МВР инвестираше во целосна реконструкција на објект во касарната ,,Илинден” што го доби на трајно користење од Министерството за одбрана, а кој од денеска ќе биде во функција – објект за исхрана со кујна на припадниците на Специјалната антитерористичка единица, кои од формирањето на Единицата до денеска се хранеа во објект надвор од кругот на касарната“, потенцираше министерот Спасовски.
Новиот објект за исхрана, за чија реконструкција се издвоени околу 9 милиони денари, е изграден по највисоки полициски и ХАСАП стандарди, а во склоп на објектот се наоѓа кујна оспособена за приготвување на храна во текот на 24 часа седум дена во неделата, која покрај за САЕ„Тигар“ има капацитет да овозможи приготвување храна и за други организациони единици на МВР , во посебни околности, за потребите на службата.
Имено, по спроведена јавна набавка со барани високи критериуми, преку електронска аукција беше избран економски оператор кој под посебен мониторинг ќе ја приготвува и служи храната за припадниците на САЕ „Тигар“, со што МВР за првпат го имплементира овој пилот проект кај нас, кој кај повеќе полиции во Европската Унија успешно функционира подолг период, со тенденција во иднина да се прошири и во други објекти на министерството. Од 2017 година до сега актуелното раководство на МВР системски и посветено работи на унапредување на работните услови на полициските службеници, со цел унапредување на услугите на министерството за граѓаните.
Со доаѓањето на чело на МВР на министерот Спасовски, како резултат на посветеноста во унапредувањето на условите за работа на полициските службеници, реновирани се над 62 објекти и полициски станици на МВР, специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службеници, исплатени беа три заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, обезбедени се поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици, со што Министерството за внатрешни работи бележи значително подобрени перформанси во борбата со криминалот, сообраќајната безбедност и севкупната безбедноста на граѓаните на целата територија на нашата држава.