Македонија

16,9 милиони евра за домашните компании преку РБСМ

Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, денес, ја повлече првата транша во износ од 16,9 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка. Со оваа транша се обезбедува поддршка на 50 проекти на домашни мали и средни компании и средно пазарнокапитализирани компании, кои ќе вработат нови 90 лица.

Од траншата најголем дел на средствата е наменет за компании во сегментот на трговијата и производството (12,8 милиони евра). Компаниите ги користат средствата од кредитната линија преку матичните комерцијални банки за заеми за тековни средства со каматна стапка до 1,6 %.

Со заемот на РБСМ од ЕИБ, кој се склучи во 2021 година, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови како директна поддршка на малите и средните компании и средно пазарнокапитализираните компании. Преку заемот се поддржуваат домашни компании од трудоинтензивните дејности, како производство, туризам и услуги, за брзо закрепнување од ковид-кризата.

Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и задржување на работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности.

На почеток