Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Националниот совет на инвалидските организации
Претседателот Стево Пендаровски денеска, во Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз”, оствари средба со претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ).
Претставниците на НСИОМ го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности по повод одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, како и за нивните проблеми и редовни ангажмани.
Соговорниците нагласија дека и покрај евидентното унапредување на положбата на овие граѓани, се уште постојат области во коишто е отежнато нивното функционирање и дека ваквите системски слабости коишто се одамна детектирани, дополнително се нагласени со појавата на пандемијата.
Охрабрувајќи ги севкупните напори на сите членки на Националниот совет на инвалидските организации за остварување на интересите на лицата со инвалидност, претседателот Пендаровски ја нагласи неговата лична заложба и безрезервната поддршка на секоја иницијатива, независно од 3 Декември, предизвиците со коишто се соочуваат граѓаните да добиваат континуирано внимание и сериозен пристап во текот на целата година. Во таа насока, претседателот Пендаровски порача дека е неопходна целосна посветеност и партнерски однос меѓу овие организации и институциите во Северна Македонија.