Македонија

Им честитаме на пратениците за „братското“ носење на Законот за амнестија, станавме чудо од земја

Граѓанско демократската унија (ГДУ) преку соопштение „им честита“ на пратениците и од власта и од опозицијата кои „братски“ експресно го донесоа Законот за амнестија за настаните од 27 април.

„Оваа прилика ја користиме и да му го честитаме именденот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој овие денови нашироко објаснува дека е дел од влада која на прво место го има ‘владеењето на правото‘ и верува дека ‘ќе направиме чудо‘. Господине Димитров, не мора да се трудите повеќе, ние одамна сме чудо од земја“, пишува во партиското соопштение.

Од ГДУ потсетуваат и на дел од препораките на Рајнхард Прибе – „очигледна, директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности, вклучително и изборни измами, корупција, злоупотреба на власта и овластувањата, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок врз вработени во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивното отпуштање), тешки прекршувања на процедурите за јавни набавки со цел добивање недозволен профит, непотизам и протекции, индикации за несфатливо политичко мешање во номинацијата/назначувањето на судии, како и мешањето во други наводни независни институции заради лична или партиска корист“.

„Но, затоа Владата откако исто братски го стокми Законот за финансирање на политичките партии, го зготви и Законот за пазарите, па сега инспекторите (имавме прилика да видиме како се однесуваат неодамна) ќе ги лиценцираат. Во оваа земја чудо, 11.000 денари пензија се многу пари и се разбира дека секој дополнителен приход е најстрого забранет. Од следната година и наставниците ќе бидат лиценцирани, тоа ќе го спроведат ‘партиските јуришници‘ вработени во Министерството за образование.

Но, проклето тешко е да се донесат законите за поврат на ДДВ, да се промени методологијата за формирање на цената на горивата, за задолжителниот надомест кој им го наплаќате на луѓето кои се ‘греат‘ како Итар Пејо на казанот“, се додава во соопштението.

Оттаму им се обраќаат на пратениците кои ги нарекуваат „членови на партиско-деловен картел кој се претставува како Законодавен дом“, и им честитаат, како што стои, на храброста со која покажале дека криминалот на „вашите” секогаш ќе биде амнестиран, дека јавниот интерес за нив завршува со хонорари, вработувања на членовите на нивните семејства, тендери и унапредување на деловните односи меѓу нив.

„Сивата економија за вас се пазарџиите, додека заменикот министер за финансии не знае ниту кој закон е на дневен ред, но ‘подготвено‘ се појави на говорница да брани некој закон, некаков закон?! Да, тоа е таа посветеност за која постојано зборувате.

Веруваме дека никаква мултилатерална обланда нема да биде доволна зад која и овојпат онака ‘братски‘ ќе се скриете како и досега, затоа што сѐ додека сте вие тука, отсуството на поранешниот премиер Груевски, не се забележува“, соопшти ГДУ.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток