„Жолтото комбе“ е сребрено и постои, според Ременски тоа слуша телефонски разговори и следи е-маил комуникација
Професорката Фросина Ременски во „Во центар“ соопшти дека жолтото комбе за кое во минатото Никола Груевски кажа дека прислушкувало во Македонија, е всушност сребрено, со опрема која може во радиус од шест километри да следи разговори и е-маил комуникација. Ременски посочи и детали, иако додаде дека внимава да не биде погрешно сфатена.
„Сребреното комбе е многу интересно бидејќи содржи услови за инсталација на тактичка опрема, која што е во функција на пресретнување на телефонски и електронски комуникации без посредство на оператор. Односно изиграва лажна базна станица. Опфаќа радиус од некои шест километри, ако се позиционира на едно место. Во радиус од шест километри може да покрие сѐ. Мислам дека шетало малку повеќе“, рече Ременски.
„Тоа комбе може да се паркира на шест километри од Собранието на Луксмбург и без мобилен оператор да слуша?“, праша новинарот Ефтов, на што доби одговор: „Сѐ. И е-маил комуникација“. На прашањето: „Има ли влез-излез од граница?“, Ременски одговори: „Има. Прашање е дали уште постои“.
Според Ременски, слулајот за популарното „жолто комбе“ го испитувала собраниската комисија задолжена за мониторинг на работата на УБК. Таа посочи дека има поднесено неколку кривични пријави.
„Направив известување до директорот на Национална безбедност и поднесов кривична пријава до државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, со дел од документацијата“, кажа Ременски.