„Ако Скопје ги исполнеше барањата на Софија, тогаш навистина ќе ја фалсификуваше историјата“ пишува германски весник
Бугарија е пред добивање нова влада, а во Брисел се надеваат дека земјата ќе се откаже од ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, се констатира на почетокот на текстот во весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг и се објаснува дека владата на Борисов ги спречила преговорите со образложенија „кои не само Брисел ги смета за апсурдни“, пишува Долче веле.
„Скопје би морало да признае дека македонскиот јазик е всушност само бугарски дијалект и дека македонската нација се развила од бугарството, бара меѓу другото Софија. Но,кој верува дека само со промена на владата во Бугарија повторно ќе се врати разумот и дека бизарните академски дебати нема веќе да стојат на патот на ЕУ-политиката на Балканот, тој може да се излаже. ‘Спорот за името’ помеѓу Атина и Скопје ја спречуваше западната интеграција на балканската држава повеќе од четврт век, пред во 2018 година да биде решен со преименувањето на Македонија во Северна Македонија. Бугарско-македонскиот историски спор би можел да трае исто така многу години. (Идниот премиер, н.з.) Кирил Петков важи за прагматичен човек кој гледа напред и кој не сака да се загуби во честакот на балканските дебати за историјата. Но, и тој мора да има обѕир кон коалициските партнери, меѓу другите и кон делумно националистичката Социјалистичка партија. А, не само за нејзините приврзаници важи: бугарското нерасположение кон Северна Македонија е подлабоко отколку што тоа им се чини на многумина кои гледаат од страна. На националистичка линија по ова прашање е и претседателот на државата Румен Радев (како и неговиот претходник Росен Плевнелиев). Но, тоа порано во странство не паѓаше в очи поради тоа што бугарските позиции беа во сенка на гласниот грчко-македонски ‘спор за името’.
На крајот на текстот Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува дека премиерот Заев пред извесно време „од избрзана послушност кон Софија“ објавил дека неговата влада ќе наложи да се отстранат повеќе спомен-плочи на кои се потсетува на „бугарската фашистичка окупација“, што наишло на остра критикаод страна на македонските историчари.
„Заев беше обвинет за фалсификување на историјата. Ако Скопје сакаше да ги исполни сите барања на Софија, тогаш навистина ќе излезеше така. Фалсификувањето на историјата досега не е критериум за приклучување во ЕУ. Но, се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Северна Македонија не може да се согласи веќе поради самото почитување на вредностите во ЕУ“, пишува ФАЦ.