На 15 и 16 декември бесплатни ски лифтови на Попова Шапка


Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу денеска го постија ски центарот Попова Шапка. Вечерва официјално ќе се пушти во употреба новото осветлување на патеката за ноќно скијање на што ќе присуствува и министерот Бектеши кој зборувајќи за развојот на Попова Шапка рече дека сè уште се разгледуваат понудите кои се однесуваат и на јавно-приватно партнерство, но и на целосна приватизација како и друг вид на понуди.
Oд ЕЛЕМ-Турс, најавија неколку новитети кои ќе им овозможат на посетителите поудобен престој на овој наш најголем зимски туристички центар.
„За годишниот план за јавни набавки за 2022 година има предвидено средства околу идејниот проект за жичарницата. Тоа е огромен проект, голема инвестиција за којашто треба и поголеми средства и време за реализација бидејќи не е едноставно, тоа е многу сериозна и обемна работа. Годинашнава зимска скијачка сезона ја започнуваме на 15 декември. По тој повод, на 15 и 16 декември секој кој ќе дојде на Попова Шапка ќе може бесплатно да ги користи сите ски-лифтови и жичарници. Во изминативе седум месеци, ние на Попова Шапка инвестиравме на неколку главни точки со кои сакаме да ја подобриме инфраструктурата на ски-центарот. Инвестиравме во нова ски патека долга 2 километра, на која ќе може да има и ноќно скијање. Исто така, за прв пат имаме поставено пет јавни тоалети, за што имаше долгогодишна потреба и барање од посетителите. Изградивме и две бачила, објекти каде скијачите можат да се одморат и да се освежат. Паркирањето на возилата, што е еден од најголемите проблеми на Попова Шапка, го ублаживме така што оспособивме уште два паркинзи со што добивме дополнителни 250 до 300 паркинг места. Исто така, планираме во време на викендите кога посетеноста е најголема, а возилата се паркираат и по неколку колометри подалеку, да воведеме бесплатен бус за превоз на посетителите до скијачките терени“, изјави Авзиу.
