Секретарката на Алек Теранова сведочеше како купувала станови за Груевски
Од
Објавено на
Со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, кои зборуваа за становите на „Бихаќка“ за кои во обвинението се тврди дека се на поранешниот премиер Никола Груевски, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно”.
Сведокот Татјана Стојановска, секретарка на бизнисменот Алек Ивановски-Теранова која рече дека на нејзино име има стан на улица „Бихаќка“ и уште еден до него на име на фирма чиј управител е таа, но дека тие не се нејзини туку, на трето лице. – На имотен лист да, ама јас не ги поседувам, кажа Стојановска.
Мислам, рече таа, дека во 2008-2009 година тој период директорот Александар Ивановски ми се обрати дека треба да се купи стан таму и така се случи, под негови ингеренции. – Тој дојде и кажа дека треба да се купи стан за бившиот премиер Никола Груевски, затоа што заради прислушкување да нема некои несакани комшии, значи само да се фигурира. Тоа одеше преку Агенција за недвижности „Асторија“. Се огласија двајца таму. Дојде човек и отидовме на нотар. Толку беше, немаше ништо, објасни Стојановска.
Прашана дали таа дала пари за овој стан и дали имала клуч, рече дека ниту дала пари, ниту добила клуч и дека никогаш ниту пак влегла и го видела тој стан.
Стојановска, исто така, рече дека е сопственик и управител на фирмата ИТК инжинеринг, основана 2008-2009 година од причина за да се учествува на јавен тендер, на кој било купено градежно земјиште на Водно, како и дека на ова правно лице има запишано уште еден стан на улица „Бихаќка“.
За тоа како обезбедила пари за купување на станот, сведокот рече дека тие биле обезбедено од Александар Ивановски преку позајмици.
– Станот беше на иста адреса, еден до друг со станот што веќе беше запишан на мое име. Станот беше купен од постар брачен пар, исто за Никола Груевски. Немам клуч и не сум била никогаш во тој стан, рече сведокот.
За двата стана, сведокот рече дека, има договори и нотарски акти дека ги поседува.
– Во 2018 година, пред бегството на Груевски, договор за закуп ми донесе Алек, потпишани од премиерот Никола Груевски за да потпишам јас и да ги вратиме. Договорите беа дека во рок од пет години ќе се реновираат без никаков надомест, рече сведокот Стојановска.
На прашање од бранителот по службена должност на Груевски, Стојановска рече дека никогаш не се сретнала, ниту телефонски разговарала со Никола Груевски.
Прашана дали е сигурна или може само да претпостави дека тие станови се на Никола Груевски, сведокот рече „да, можам само да претпоставам”.
На прашање од адвокатот Еленко Миланов, дали парите за станот и земјиштето се обезбедени од Александар Ивановски, сведокот рече да, посочувајќи дека тој никогаш не ги користел.