Македонија

Се врачуваат првите 100 мобилно издадени пасоши преку Амбасадата во Лондон

Во процес на врачување се првите 100 биометриски пасоши на Република Северна Македонија, издадени преку Амбасадата во Лондон. Воспоставувањето на базната станица во амбасадата го поедностави и скрати процесот на само три недели, информира Министерството за надворешни работи.

„Ова е историски момент за конзуларната пракса во оваа амбасада. Нашите граѓани кои живеат и работат во Англија, Шкотска, Велс или Северна Ирска од сега можат да ги обноват своите пасоши на многу поедноставен, поефикасен и побрз начин. Ме радува што првичните впечатоци и реакции од сите кои ја посетија амбасадата изминативе 4 недели се позитивни. Тој е најсилниот мотив и предизвик за тимот на амбасадата да продолжи и натаму да биде ефикасна служба во корист на граѓаните”, изјави македонската амбасадорка во Лондон, Александра Миовска.

Од МНР информираат дека целта на проектот за воспоставување базни и мобилни станици во македонските дипломатски и конзуларни претставништва е исполнување на потребите на дијаспората, која со години наназад се жали за бавно издавање на патни исправи.

„Подобрувањето на услугите на нашите ДКП-а за дијаспората е висок приоритет на МНР, чија интенција е следниот период овој значителен проект да се прошири со поголем број ДКП-а“, се вели во соопштението.

Претходно, постапката за нова патна исправа за македонската дијаспора во Обединетото Кралство траела од четири до шест месеци.

На почеток