Македонија

75 години УНИЦЕФ: Повеќе од кога и да е, ни треба акција за секое дете

УНИЦЕФ одбележува 75 години од денот кога беше основан за да одговори на критичните потреби на децата чиј живот беше разурнат од Втората светска војна.

„Додека се потсетуваме на минатото, предизвиците со кои се соочуваат децата денес бараат од нас да ја преомислиме иднината за секое дете да има подобро детство, подобра иднина и поправедна шанса“, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

Низ децениите, заедно со владините партнери, донаторите, застапниците и поддржувачите, УНИЦЕФ им помагаше на децата ширум светот.

· Првата помош на УНИЦЕФ во светот што се состоеше од облека, чевли, сапун и други неопходни материјали во август 1947 година, всушност беше за децата од земјава кога таа беше во рамките на Југославија.

· Во 50-тите, УНИЦЕФ работеше со владата на подобрување на снабдувањето со млеко. УНИЦЕФ увезе опрема за поддршка на националниот план за конзервирање на млекото – како резултат, над 800.000 деца и мајки добиваа безбедно, здраво млеко, бесплатно или по многу ниска цена.

· Во 1957 година, УНИЦЕФ започна иницијатива за формирање на националниот Завод за здравствена заштита на мајки и деца во Скопје. Во тоа време, стапката на детска смртност изнесуваше дури 138,6 на илјада живородени деца.

· Во 1963 година, УНИЦЕФ ги поддржа напорите за помош по трагичниот земјотрес во Скопје.

· Од 1993 година – кога отвори канцеларија во земјата откако таа стана независна држава – УНИЦЕФ отсекогаш беше меѓу првите што обезбедуваа поддршка за децата во време на криза и работеше со партнерите за секое дете да ги ужива сите права.

Низ историјата, УНИЦЕФ помагаше да се обликува поздрава и побезбедна средина за децата, насекаде низ светот и во земјава.

„Поддржавме реформи за јакнење на системот, со што се придонесе да се намали смртноста на децата под пет години, повеќе деца да одат на училиште, секое дете во земјата да живее во семејна средина, но поддржавме и надежни меѓусекторски реформи за крај на исклучувањето и за заштита на децата од насилство, злоупотреба и занемарување“, посочи Ди Џовани.

Овие придобивки беа загрозени со пандемијата на КОВИД-19 која ги погоди децата во невидени размери, со што за нив стана најлошата криза што УНИЦЕФ ја видел во својата 75-годишна историја. Таа длабоко го промени животот на децата и младите, како и нивното ментално здравје и тоа во животна фаза кога треба да се развиваат за да го исполнат својот оптимален потенцијал.

Но, тоа не е единствената криза што влијае на децата денес. Тие се наоѓаат и среде образовна криза, климатски промени, широко распространети социјално-економски предизвици, растечка сиромаштија и нееднаквост.

„Сè уште гледаме многу деца кои се изоставени само поради местото на живеење, примањата на нивното семејство, нивната етничка припадност или попреченост. Овие предизвици нѐ засегаат сите нас, но најстрашно ги погаѓаат најранливите деца.

Оваа недела, УНИЦЕФ започна нова студија за мултидимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија, истакнувајќи дека лишеноста од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа се меѓу првите 5 фактори што придонесуваат за мултидимензионалната детска сиромаштија.

Сега, повеќе од кога и да е, ни треба акција за секое дете да има подобро детство, иднина и праведна шанса. Исто како што повторно се кренавме од урнатините на Втората светска војна, нашата цел денес останува да обезбедиме закрепнување од пандемијата, ставајќи приоритет врз инвестициите за децата.

Инвестициите за унапредување на квалитетно и инклузивно образование, проширување на пристапот до предучилишно образование и основни услуги на социјална и детска заштита, поддршка на менталното здравје и воведување нови услуги и програми за поддршка на родителите, за секое дете да расте во грижлива семејна средина, обезбедување фер систем на правда за децата, мора да се гледаат како инвестиции за решавање на детската сиромаштија и изградба на посветла иднина за сите граѓани на земјата. Потребни ни се инвестиции за да се осврнеме на изоставените, како и на децата во ромските домаќинства, децата со попреченост и децата во руралните заедници.

Додека работиме со владите, донаторите и другите организации за да го преосмислиме заедничкиот пат во следните 75 години, децата мора да ни бидат на прво место за инвестиции и акција“, вели во изјавата претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

На почеток