Македонија

Дали ЈП Паркови и зеленило ќе нема пари за плати заради партиски вработувања, прашува Стоилковски

Според извештаите поднесени до градското собрание за работата на јавните претпријатија со нив може да се заклучи дека се работело недомаќински и служеле само за вработувања и предизборни активности.

ЈП Паркови и Зеленило, има дури 26 лица вработени во секторот финансии! Повторувам, 26 лица работат финансии во ЈП Паркови и зеленило! Со толку луѓе во финансии очекувате силна фирма со огромна добивка. Но претпријатието годинава според она што го поднесоа до градското собрание има добивка на исто ниво како лани, кога половина година не се работеше и државата беше во карантин, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

„Затоа пак, трошоците за плата за вработени, се со раст од 5,6%, или речиси 10 милиони денари, а наведени се и „Останати трошоци за вработени“ со неверојатна разлика од 90% споредено со ланските 9 месеци. Речиси дупло. Од нив, од овие 90% најмногу се дадени за времени вработувања преку агенциите или повторно има зголемување за 10 милиони денари пари за привремени вработувања. Значи за 9 месеци се исплатени 20 милиони денари повеќе за плати. 10 милиони за привремени вработувања, онолку колку што има зголемување за платите за вработените.

Почитувани,

Вака гледано, ова би значело дека компанијата, ЈП, работи со неверојатен финансиски успех, но, според извештајот поднесен пред Советниците во Град Скопје, споредбениот НЕТО ефект од лани е само 3.823 денари! Притоа, годинава бришени се долгови, трикратно се даваат пари за нотарски трошоци заради зголемени побарувања од други јавни претпријатија, најмногу Водовод со 43 милиони денари, што значи дека до крајот на годината со вакво темпо ЈП Паркови и зеленило или ќе нема пари за плати или ќе се стави на терет на Град Скопје?

Е па почитувани, доаѓаме до прашањата, дали ЈП Паркови и Зеленило годинава било ставено во функција на локалните избори?

Зголемени расходи за редовни плати и за привремени вработувања, значи и ангажирање на сезонски работници пред изборите, со ист финансиски ефект како и лани за компанијата. Дали било наложено полнење на ЈП со времени вработувања од спектарот предизборни вработувања со коруптивна заднина за кои што алармиравме во предизборието, за сега да се остави компанијата да се снаоѓа за плата до крајот на годината?

Почитувани, нема јавно претпријатие коешто не било злоупотребувано, и коешто има успех во работата. За Скопје и за Македонија нема полошо од СДСМ“, додава тој.

На почеток