Македонија

Недела неработен ден и поголема минимална плата се социјалдемократски политики, вели Кузеска

Недела да биде неработен ден за работниците и работничките станува реалност. Надлежната Собраниска комисија го усвои Предлог Законот за работни односи и даде зелено светло од први јануари да почне примената на законското решение недела да биде неработен ден, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Во интерес на работниците очекуваме Законот биде усвоен и на пленарна седница.

СДСМ стои зад работниците, сакаме заеднички да овозможиме позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд од кои придобивки имаат сите.

Недела неработен ден и поголема минимална плата се социјалдемократски политики и затоа СДСМ со партнерите од Владата поднесе и силно ги поддржува измените на законите во интерес на работниците.

Право на Синдикатот е на свој начин да се бори за остварување на овие права и ние како партнер на синдикатите тоа го поддржуваме.

Граѓаните знаат дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица ги блокираа измените во Законот за работните односи, со што покажаа дека воопшто не им е грижа за работниците.

Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ силно е против зголемување на минималната плата.

Сега, со вклучувањето на Алтернатива се создадоа нови можности, зголеменото и стабилно парламентарно мнозинство да ги порази блокадите и опструкциите на опозицијата, да се обезбеди повисока минимална плата а недела да биде неработен ден!

Повисоките плати, поголема минимална плата, се еден од предусловите за задржување на нашите граѓани и граѓанки во државата.

Последното барање на Сојузот на синдикатите на Македонија е потпишување на Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и К-15 за сите вработени.

Како социјалдемократска влада, нашата интенција е сите вработени да бидат третирани подеднакво и затоа се прават напори да се обезбедат финансиски средства за регрес за годишен одмор (К-15).

Ние сме солидарни со синдикатите, со работниците и работничките а заедништвото е тоа што ќе не’ донесе до нашата заедничка цел: подобар живот и повисок економски стандард за сите граѓани“, додава таа.

На почеток