Македонија

Научнофантастичниот филм за обезбедување на 900 илјади тони јаглен доби и второ продолжение, вели Антовски

Владата на Македонија предводена од СДСМ и ДУИ, со огромна леснотија не убедуваат дека се é под контрола во енергетиката. Со огромна леснотија ја лажат македонската јавност дека имаме и ќе имаме сопствено производство на електрична енергија во следната година, па дури одат до таму со изјавите дека ќе произведуваат и вишок на струја со која ќе му помогнат на стопанството, односно ќе му понудат поевтина струја од струјата на отворениот пазар. Ова е повеќе жално одошто смешно, затоа што АД ЕЛЕМ не е во состојба да ги исполни и законските обврски кон ЕВН ХОМЕ за што троши огромни милионски суми народни пари за увоз на електрична енергија, вели Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

„Научнофантастичниот филм во најава за обезбедување на 900 илјади тони јаглен за потребите на РЕК Битола доби и второ продолжение во режија на Владата на Македонија.

Владата изјави дека се планираат подготовки за набавка на јаглен од Косово за наредните 5 години, според кој секоја година Македонија ќе набавува од Косово неверојатни 3 милиони тони јаглен!

Вакви „шампиони“ во енергетиката како што сами си се нарекуваат, историјата не памети. До вчера се изнаслушавме за нивното лидерство во енергетската транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија, за нивните планови за затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, а токму сега кога се соочуваме со енергетска криза тие ќе договараат увоз на јаглен за потребите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и тоа за наредните пет години од соседно Косово. Наместо тоа, требаше да се погрижат за нашите рудници и да отворат нови да имаме сопствени инвестиции, нови вработувања и производство на електрична енергија од сопствен јаглен.

Јасно е дека со државата владеат криминално- мафијашки кланови кои ги користат државните институции за сопствени профити и се спремни да уништат сé што е наше, што сме го граделе децении наназад. Имаме намерно уништување на нашите производствени капацитети само да си ги остварат сопствените планови за профит.

Енергетската транзиција која што помпезно ја најавуваат во Македонија, ќе биде со симболичен почеток во РЕК Осломеј, каде што повеќе од две години градат сончева централа од 10MW. И замислете каква иронија, токму каде што започнува енергетската транзиција во Македонија, истите таму ќе носат јаглен од Косово во следните 5 години.

Под превезот не енергетска транзиција Владата се обидува да ни продаде убава приказна за почиста животна средина, за странски инвестиции во сончеви централи, како онаа во близина на Штип. На новите приватни инвестиции во енергетиката, Македонија ќе биде должна да им обезбеди многу поволни услови за инвестирање, стратешко земјиште ќе им биде доделено за нивна инсталација, МЕПСО ќе биде задолжен да им изгради инфраструктура за поврзување на преносниот систем и трафостаници, а државната компанија ЕЛЕМ ќе биде задолжена да го балансира нивното производство, кое потоа ќе завршува на берзите на електрична енергија или ќе ни ја продаваат истата нам само по берзанска цена. Со ваква власт, Македонија сигурно станува увозно зависна држава за електрична енергија, сето тоа на крај ќе резултира со постојано зголемување на цената на струјата.

Едно може со сигурност да кажеме, на власт се ШАМПИОНИТЕ во уништување на нашиот електроенергетски систем. Потребно е итно заминување од Власт на СДСМ, потребни се итни предвремени парламентарни избори затоа што народот тоа го бара“, додава тој.

На почеток