Драма во Буњаковец, луѓе се спасуваа преку балкони
Скопските пожарникари минатата ноќ со големи маки, качувајќи се преку балкони на начичканите згради во Буњаковец, успеаја да спасат луѓе откако избувна пожар во стан на улицата „Христо Смирненски“, пишува Мета.
Станарите на зградата која се наоѓа во тесните улички меѓу некогашната фабрика „Треска“ и Универзалната сала, студената ноќ ја минаа на улица. Велат дека огнот избувнал околу три часот по полноќ.
Жители од зградата за Мета велат дека сосема случајно била избегната поголема катастрофа со жртви, благодарение на еден од соседите. Тој случајно бил буден и веднаш штом го почуствувал чадот, ги повикал пожарникарите и почнал да ги буди другите станари, одејќи од врата до врата.
Според очевидците, отровниот чад од станот на вториот кат кој се запалил, брзо се пробивал кон погорните спратови, а доколку огнот го зафател балконот, пожарот можел лесно да се прошири и на соседната зграда, која е „залепена“.
Во пожарот нема повредени, а материјалната штета првично се проценува на неколку илјади евра.