Македонија

Шекеринска нема да биде дел од новата Влада

Актуелната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска објави дека нема да биде дел од новата Влада, која треба да ја состави идниот мандатар Димитар Ковачевски, поради, како што рече, принципиелни причини.

На денешната прес-конференција во Министерството за одбрана, одговарајќи на новинарско прашање, Шекеринска кажа дека нејзината партија не ги разбрала пораките од јавноста кои, според неа, довеле до пораз на локалните избори и затоа нема да учествува во новата Влада.

„Пред осум месеци најавив дека ќе се повлечам од раководството на СДСМ бидејќи не се согласував со дел од политиките. Можеби сум субјективна, но дел од тие политики придонесоа за поразот на локалните избори. За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме. Затоа, мислам дека единствена чесна и принципиелна одлука би била да кажам дека нема да учествувам во следата Влада“, изјави Шекеринска, на прес-конференцијата во Миниистерството за одбрана, посочувајќи дека за овој свој потег ги известила и колегите.

Министерката во излагањето пред новинарите воедно го искажа и својот став околу политиката со Бугарија.

„Мислам дека дијалогот со Бугарија новата влада треба да го обнови и интензивира, но шанисте нема да бидат на тацна и веднаш“, истакна таа.

Според неа, дискусијата треба да се одвива многу винимателно.

„Ќе треба да бидеме многу мудри и да видиме кои се нашите суштински интереси, кои се прашањата околу кои нема да се дискутира, а по кои прашања ние ќе излеземе со предлози и да ѝ направиме на Бугарија навистина многу тешко да го одржува ова неодржливо вето, а кое сепак трае долго време“, посочи Шекеринска.

На почеток