Актуелно

Градот Скопје должи 50 милиони евра

На денешниот брифинг со претставниците на медиумите, градоначалничката Данела Арсовска се осврна и на ревизиите кои се прават во Градот Скопје и во јавните претпријатија, со цел да се добие детална слика за нивната тековна состојба, како и да се утврди како се работело досега. Таа потенцираше дека градот и сите градски претпријатија се оставени во големи долгови, а долгот само на градот Скопје е 50 милиони евра, со рати за кредити кои треба да почнат да се отплатуваат од први јануари следната година.

„ Градот е затекнат со големи задолжувања и во овој момент Градот Скопје речиси нема никаква шанса за дополнително кредитирање. Она што ме изненади е тоа што некои лица од минатото раководство на Градот се обидоа ова да го претстават како моја слабост, дека нема да можам да кредитирам, наместо да го претстави како самокритика за тоа што дозволиле во изминатите 4 години градот да се задолжи за 3 пати повеќе отколку во минатото. Наместо овие лица да дадат одговор како е дојдено до затекнатата состојба како резултат на нивното работење во изминативе 4 години, тие залудно обвинуваат како некој за помалку од 30 дена треба да ја расчисти оваа состојба. Во моментов наследениот долг на Град Скопје е над 50 милиони евра“ – потенцира Арсовска.

Арсовска се осврна и на неквалитетното и непланско работење и трошење на претходното раководство на Град Скопје од аспект на реализација на проектите, а како пример го наведе проектот за изградба на мостот на реката Вардар во Аеродром. Градоначалничката напомена дека Градската куќа, иако вреди 20 милиони евра, од претходното раководство на градот била продадена за 12 милиони евра, пари кои ги нема.

„ Некој почнал проекти за кои имотно-правните прашања не се разрешени и нема да се разрешат, а парите се предвидени и некој планирал да ги даде. Парите на граѓаните ќе стојат заробени во проекти кои не можат да се реализираат. Тоа е почнување на проекти само колку да се каже дека се почнати проекти. Станува збор за мост кој се гради, а нема каде да заврши. За вие да објавите јавна набавка, тоа да го тендерирате и да почнете да градите мора претходно да ги имате исполнети сите услови за тоа, а не да ги правите во од. Таму имаме 11 спорови меѓу граѓани кои треба тие да ги надминат, има 25 предмети за експропријација во подготовка, 12 предмети без согласност за цена кои допрва треба од Влада да ги разрешат, како и 60 предмети со барања за земјишно право со приватизација или стекнато корисничко право кои допрва треба да почнат да се решаваат. Од сите плацеви кои се предмет на овој проект, само 44 биле сопственост на РМ. Ние ќе почнеме со нивно решавање, но кога ќе ги решиме е временски период за кое во моментов не можеме да дадеме рамка, и тоа е нешто што претходниот градоначалник морал да го заврши пред да почне да гради“- истакна Арсовска.

Во врска со дилемите во јавноста за можноста за воведување БРТ превоз во Скопје, градоначалничката Арсовска уште еднаш ги повтори позициите на новото градско раководство.

„ Од она што тука го видовме како документација за БРТ, а кое беше претставено како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно туку е и на штета на граѓаните. За БРТ превозот нема одлука од Советот на Град Скопје, а одлука треба за се што има импликации врз градот, пред се, импликации во однос на тоа како ќе се развива градот, а не само финансиски. Овој проект ќе има големи импликации по животната средина, по главното водоснабдување во градот, меѓутоа ќе има и огромни финансиски импликации врз градот, како и голем број пречки од аспект на регулативата и легислативата кои што треба да се надминат за да стане реалност“ – нагласи Арсовска на денешниот брифинг.

На почеток