(ВИДЕО) Маричиќ не се разбира во право, советувам примиерот во најава да го смени, посочи Димовски коментирајќи ги излагањата за „Диво насеље“


Долгогодишниот судски новинар, Саше Димовски, како и критичар на состојбите во државата, смета дека не може да се смени судската одлука за „Диво насеље“ со посета на претставници од албанската амбасада. Тој смета дека не смеело да се дозволи странци да преиспитуваат судска одлука која поминала три судови. За министерот за правда, Бојан Маричиќ, потенцираше дека не треба да остане на позицијата бидејќи не разбира право.
„Маричиќ не разбира право, прво не е ни правник. Маричиќ е политиколог. Меѓутоа, тоа што Маричиќ го кажува, му рекле да го дообјасни Заев, бидејќи ни Заев не знае што договорил. Се знае, повторување на постапка има само ако има нови докази. Тоа е основа во правото. Не може да повтори постапка бидејќи некој од надвор ќе дојде, нека е и Прибе. Прибе констатираше, ама не им рече ова и ова да го направите, самата држава треба да го направи. Исто и овде, што и да направи, не може да преиначи судска одлука“, рече Саше Димовски.
За тоа зошто е дозволено меѓународен мониторинг на случајот, доколку нема промена на судската одлука, Димовски вели: „Маричиќ ја даде таа изјава, затоа велам дека министерот нема поима од тоа што го зборува, за наредниот ден портпаролот на партијата да каже ‘ако нема ефект врз одлуките, ние не влегуваме во Влада’. Министерот, еве да се повторам, сериозно не разбира право и му советувам на новиот премиер во најава, Димитар Ковачевски, ако треба некого да смени, прво да го смени Маричиќ. Ако остане, двајцата ќе се усреќат на позициите. Прво што треба да го смени него и да донесе човек кој малку разбира. Бидејќи и Димитар Ковачевски е економист, верувам малку повеќе од Заев го разбира правото. Ова со Маричиќ на чело, никаде нема да не доведе, со вакви објаснувања. А со Косово ќе си направиме сериозен проблем, апропо денешната реакција, нели, да не му дозволат на заменик-министерот да ги посети во затворот, со образложение дека не е конзуларен претставник. И сега очекувам косовските власти да го преправат барањето и да отиде амбасадорот и повторно да пренесе некаква порака, апропо барањето на косовските власти, осудените за ‘Диво насеље’ да лежат во затворите во Косово“, кажа Димовски.
