Скопје

Јакимовски има проблем, Данела не му крева слушалка

Веќе 45 дена го молам Градот Скопје да назначи Комисија за урбанизам, бидејќи старата комисија е суспендирана, а нема назначено нова за да го одобри деталниот урбанистички план за којшто како Општина Карпош сме тужени и тужителот бара 15 милиони евра оштета, истакна градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, преку видео-обраќање на Фејсбук.

Тој вели дека неколкупати се обидел да стапи во контакт со градоначалниката Данела Арсовска, но сите обиди му биле неуспешни.

Според Јакимовски, кај градските власти како да не постои чувство на одговорност дека општината Карпош ќе треба да исплати 15 милиони евра, а не 15 крушки.

– Досега имав средба со јавниот правобранител и со правобранителот кој го води предметот, а тие инсистираат планот под итно да се донесе и на инвеститорот да му се понуди парцелата којашто е суспендирана со поништување на планот. Во спротивно, имаме голема опасност да бидеме пресудени со 15 милиони евра. Вчера ми стигна писмо и ни се заканува кривична пријава доколку не го донесеме урбанистичкиот план. Меѓутоа, јас не наидувам на никакво разбирање од страна на Град Скопје, ниту, пак, гледам чувство на одговорност дека не се работи за 15 крушки, туку за 15 милиони евра. Се обидував во директна комуникација со градоначалничката Данела Арсовска, а се обидував и по разни други канали да стапиме во контакт, но за жал, до денеска нема никаков резултат. Ова е последниот начин со кој што можам евентуално да влијаам за позитивно решение на проблемот за Општината Карпош не биде доведена во тешка материјална состојба – вели Јакимовски.

На почеток