Пендаровски не добил список со затвореници за помилување
Стево Пендаровски, шефот на државата, не добил списоци со затвореници за кои се предлага помолување пред Нова година. Од претседателскиот кабинет посочуваат дека не е закажана ниту седница на Комисијата за помилување. Министерството за правда, засега не кажува кога ќе достават конечна листа на затвореници за кои ќе се побара намалување на затворските казни.
„Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерството за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките“, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Засега е познато само дека бизнисменот Сеад Кочан бара да добие намалување на затворската казна за шест месеци. Постојат шпекулации дека намалена казна бара и Александар Василевски-Нинџа кој е осуден за упадот на „27 април“ и Бобан Илиќ, осуден за прегазувањето на малиот Алмир. Но, овие информации, никој не ги потврдува ниту демантира.