Македонија

Џафери со честитка за Божик: Ви посакувам добро здравје и благосостојба

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери го честита Божик на католичките верници.

“Почитувани граѓани, католички верници во Република Северна Македонија, Дозволете од мое лично име и од името на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија да Ви го честитам големиот христијански празник – Божиќ.

Празниците се посебни денови кои имаат моќ на обединување, на дарување и солидаризирање со блиските, со далечните, со познатите, пријателите и соработниците, кога секој наоѓа нешто убаво за споделување со другите.

Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник.

Затоа што, за жал, животот и светот не ги третира подеднакво сите луѓе, тагата и несреќата не се непознати за голем дел од човештвото и доколку постои барем и мала можност за враќање на насмевката и надежта на нечие лице, ние сме ја добиле нашата награда.

Оваа година беше тешка и тажна година за нашата земја, за нашите граѓани и јас се надевам дека веќе нема да бидеме ставени пред такви предизвици како земја, како граѓани и како човечки суштества и во овие мигови, кога наближуваат божиќните и новогодишните празници, ширењето на позитивни мисли на надеж, верба, меѓусебна почит и разбирање, солидарност, хуманост, пожртвуваност и сплотеност, се должност на секој од нас.

Ви посакувам добро здравје и благосостојба и уште еднаш – Среќен празник!”, се вели во честитката на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

На почеток