Касами се пофали дека го исчистил снегот, а десетици тетовци се “искршија” по улиците
Снегот и ниските температури целосно ги прекрија улиците и тротоарите во Тетово со мраз, по што само во тетовската Клиничка болница, повеќе од педесет пациенти побарале помош поради скршеници, објави ТВ21.
-За пет дена на Одделот за ортопедија при Тетовската болница се примени над 50 пациенти со фрактури, од кои тројца се оперирани, а останатите се пуштени на домашно лекување. Во овој број се опфатени и лицата кои се здобиле со повреди на ски-центарот Попова Шапка. Најголем број телесни повреди предизвикани од лизгање се регистрирани кај децата и постарите лица, а најчести се повредите на екстремитетите, велат од одделот за ортопедија во Тетово.
Лекарите апелираат до граѓаните да не излегуваат надвор без потреба и да носат соодветни обувки и облека.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами на социјалните мрежи во саботата се пофали дека заедно со вработените на комуналното претријатие работеше во расчистување на снегот и мразот од тротоарите.
-Додека сите на овие ниски температури се во своите домови, хероите на градот се грижат за јавните простори. Вечерва заеднички ги исчистивме тротоарите од снегот и мразот создаден од ниските температури .Безбедноста и слободното движење на граѓаните е наша должност, истакна Биљал Касами.