Ревизија утврди малверзации на Клиниката за дерматологија, 39 отсто од лековите се со поминат рок
Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности и недоследности во работата на Клиниката за дерматологија.
Ревизорите утврдиле неправилности во управувањето со лековите за ретки болести, финансиското работење и реализацијата на здравствените услуги.
Една од најголемите слабости е отсуството на сметководствена евиденција за примените и потрошените лекови за ретки болести. Во 2023 година, Клиниката примила лекови во вредност од 37,4 милиони денари, но во интерните евиденции се прикажани издадени лекови во вредност од 27,4 милиони денари, што создава разлика од 8,8 милиони денари. Пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748 илјади денари, од кои 39 отсто се лекови со поминат рок.
Ревизорите утврдиле дека Клиниката добила 13 милиони денари за набавка на апарати и лекови, без претходно стручно образложение за потребата од истите. Од оваа сума, речиси 10 милиони денари биле потрошени за два ласери, кои до денот на ревизијата сè уште не биле ставени во употреба.
Клиниката се соочува со ненаплатени побарувања од Министерството за здравство во висина од 1,3 милиони денари, чија наплата е неизвесна.
Ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на транспарентноста, финансиската контрола и ефикасноста на Клиниката.