Можна нова криза на Онкологија со лекови, пациенти се жалат од други Клиники дека се нудат да ги оперираат само ако платат приватно
Недостасува терапија за уште 25-30 пациенти на Онкологија, кажа министерот за здравство, Арбен Таравари, кој најави дека до понеделник ќе има биолошка терапија за сите.
„Денеска стигна дел од терапијата, утре стигаат уште два лекови и понеделник уште три и ќе ги имаме сите лекови. Првпат ни се случува десет дена да нема терапија. 95% од пациентите се третираат и има терапија. Недостасуваше само 5%. Оваа терапија беше набавена од претходното раководство. Се работи за 25-30 пациенти, ама и 1 пациент да е, многу е“, вели Таравари.
На посочувањето дека сега започнува криза со имунолошка терапија на Онкологија, однсоно дека нема доволно, рече: „Јас се надевам дека и тоа ќе бидеме покриени набргу и нема да има криза. Се обидуваме да згасиме пожари кои се предизвикани однапред“, рече Таравари.
Министерот беше прашан дали знае дека пациенти со месеци чекаат за операција на Клиниката во Скопје, а им се нуди приватно да бидат оперирани за неколку дена, рече дека добиваат пријави.
„Добиваме информации и пријави во Министерството за здравсво, ги информираме директорите. Има една акција. Имаше уште еден обид да се види дали се случуваат вакви злоупотреби, за да се работат во редовно работно време кои треба да се работат отпосле. Ние правиме се за медицинските екипи да бидат коректни“, додаде тој.