Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека дополнителни привилегии за пратениците не се прифатливи. Од партијата наведуваат дека во овој момент пратениците се доволно привилегирани.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека привилегиите треба да се движат кон граѓаните, а помалку кон пратениците. Пратениците во Собранието на Република Македонија согласно Деловникот којшто важи во овој момент се доволно привилегирани. Сега дојде време граѓаните да го добијат она што го заслужуваат, вработувања, нови инвестиции, нови работни места и подобро платени работни места“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.
Не смееме, додаде тој, да размислуваме во тој правец, оној којшто бил избран и именуван функционер, избран од граѓаните, утре да биде попривилегиран повеќе од граѓаните и да оди на работно место кое што впрочем можеби го заслужува некој од граѓаните.
Од СДСМ, исто така, велат дека повластен статус за вработување не смее да има само затоа што некој бил избран или именуван функционер.
Од партијата велат дека очекуваат од секој пратеник, секој избран или именуван функционер да покаже одговорност, особено во контекст на актуелните стратешки текови и да даде позитивен пример во интегративниот процес.
Едно од барањата на пратениците е гаранција за можност на вработување во државни институции по истекувањето на нивниот мандат.