Граѓани ќе ја „окупираат“ судницата? Боки 13 утре на судење, се очекува пресврт
Бојан Јовановски-Боки 13 утре ќе биде на рочиште за „Меѓународен сојуз“ во Кривичниот суд од 10 часот. Интересно е што се очекува во салата да има и граѓани, кои ќе се борат за правда, а по неговиот повик да присуствуваат на судењето. Според информации на „Скопје 1“, првиот ден кога Боки 13 и останатите обвинети треба да започнат со давање на одбрана, ќе има пресврт. Не се откриваат детали, но се очекува интересно судење. Првообвинетиот Боки 13 нема да се откаже од тоа да ја докаже неговата верзија за случајот.
За потсетување, Јовановски упати повик до граѓаните да присуствуваат на неговото судење во петок, а откако, судот одби да ги изведе пораките од неговиот телефон и да сослуша дел од предложените сведоци кои беа функционери во минатата Влада.
„Мојот последен апел е до сите вас, правдољубиви и слободоумни граѓани на оваа земја. Ја барам вашата поддршка бидејќи единствено верувам во вас, ве повикувам во петок на ден 11.02.2022 во 10 часот да дојдете во Основниот кривичен суд на закажаното рочиште за случајот ‘Меѓународен сојуз’, бидејќи судиите нели судат во името на граѓаните, па токму поради тоа дојдете и да видиме дали судат во името на граѓаните или пак судат во името на политичките лопови и криминалци! Преку ова писмо ви ја испраќам мојата замолница до секој еден од вас кој сака да живее во вистински правна држава да се одважи на мојот повик и да дојде да присуствува на закажаното рочиште во петок во 10 часот. Само со ваша помош и поддршка почитувани сограѓани ќе ставиме крај на судските злоупотреби, на наместените пресуди, ќе ставиме крај на неправдата и само со ваша помош вистината ќе излезе на виделина, поинаку не бидува, овие се бескрупулозни и мислат дека се богови, но народот секогаш бил и ќе биде вистинската сила и двигател! Апелирам на еден цивилизиран, демократски и достоинствен начин да се стави крај на селективната правда и огромната неправда, не само за случајот ‘Меѓународен сојуз’ и ‘Рекет’ каде сум јас лично засегнат, туку и за сите други предмети, каде има обвинети и осудени невини лица. Вашата поддршка и присуство ќе биде почеток на крајот на правосудно зло кое ја узурпираше нашата држава заради лични интереси на поединци!“, посочува Јовановски.
Тој додава: „Не барам мене да ме браните, барам поддршка за вистината, одговорност за вистинските криминалци, крај на корумпираното и исполитизирано судство под палката на Зоран Заев или пак било кој друг следен политичар! И да, знам дека некои ќе кажат “види го овој, го осудија, па сега му текна да зборува, да бара поддршка, каде беше порано, што не зборуваше порано итн итн…” и во право сте, но разберете ме и не ми замерувајте, бидејќи најважно е дека мора од некаде да се почне, затоа со цело срце ја барам вашата поддршка! Во име на правдата и правната држава!“.
Во остатокот на писмото, наведува дека се решил на ваков повик поради брутално кршење на законската процедура од страна на судијката која го гони во случајот „Меѓународен сојуз“. Остатокот од писмото, го пренесуваме интегрално:
„Судијата Софче Гаврилова Ефремова која го суди предметот Меѓународен Сојуз не и дозволи на одбраната, односно на мене како првообвинет во споменатиот кривично правен настан да бидат изведени материјалните докази од мојот телефон како што се остварена комуникација со екс премиерот Зоран Заев, со ексградоначалникот на Карпош Стефан Богоев, со лицата Вице и Трајче Заеви роднини на експремиерот, остварената комуникација со Вилма Русковска и обвинител Наум Пановски од ОЈО ГОКК и со други лица од високото раководство на СДСМ, а кои комуникации се поврзани со предметот на обвинението за кое се суди овој предмет. Мојата одбрана како и одбраните на другите обвинети лица бараа од судот првично да се изведат материјалните докази од телефонот па потоа предложените и прифатени сведоци да бидат испитани на рочиште за главна расправа!
Укажувам дека јас и другите обвинети лица во постапката не се откажавме, ниту ќе се откажеме од испитување на сведоците Зоран Заев, Стефан Богоев, Мила Царовска, Александар Кирацовски, Горан Сугаревски, наташа петровска и други, туку бараме прво да бидат изведени доказите од мојот телефон па потоа да ги испитуваме горенаведените сведоци, бидејки само на тој начин ќе може точно да се утврди фактичката состојба. Сведоците иако сведочат под заклетва пред судот, познавајќи ја структурата на личноста на поедини сведоци нужно е да им се презентираат материјалните докази претходно изведени пред судот.
Со овој грозоморен и крајно тенденциозен чин судот сака да ги амнестира од одговорност Зоран Заев и лица блиски до него. Тоа е однапред договорена агенда, па во тоа име се случува оваа правна рашомонијада, судски театар и незаконито постапување и прерипување на фази во постапката на штета на обвинитетите! Воедно судот безрезервно ја штити Вилма Русковска од сите нејзини незаконски, негативни и злоупотребувајќи дејствија и не ми дозволува да ги изведам доказите поврзани со Русковска и нејзиниот тогашен заменик, а сегашен виш јавен обвинител Наум Пановски!!!!
Стоп чесен суде запрете со вашето насилие од позиција на моќ, стоп чесен суде, престанете да бидете продолжена рака на власта, застанете и пробајте барем малку да го обелите црниот образ на македонско правосудство. Погледнете го фактот дека граѓините имаат најмалку доверба во правосудниот систем. И оние малку чесни судии, за жал ,се ставени на столбот на срамот поради сервилните, корумпираните и политички диригираните судиски власти!
Апелирам до судијата Софче Гаврилова Ефремова да ја промени одлуката и да дозволи да се изведат доказите од мојот телефон па потоа да се повикаат сведоците и да бидат испитани согласно закон.
Согласно сите законски одредби доказната постапка не е завршена, бидејќи доказната постапка не е желботека на судијата, па да може да прави што сака со постапката која ја води! Апелирам до судијата да не ја злоупотребува својата службена положба и овластување поради и повеќе од очигледната политичко судска спрега! Апелирам до судијата да престане да го повредува правото на одбрана, да не го крши флагрантно начелото на фер баланс и еднаквост орудијата на страните во постапката и да не го крши грубо начелото на правично судење! Апелирам и ви велам чесен суде, аман вратете ми го телефонот и дозволете ми да ги изведам доказите! Аман, зарем не ви се смачи да им служите на политичките ништожници и толку да се бламирате и да ја валкате судиската функција?
Па барем малку покажете личен и професионален интегритет. Покрај тоа што сум згрозен јас сум и фрапиран од вашата сервилност, токму како и онаа на второстепениот апелационен суд кој експресно ја потврди бесмислената пресуда за ‘Рекет’ со милион суштествени повреди на постапката и без точно утврдена фактичка состојба, токму онака како што би рекол Заев, ‘трас трас’, одлука на апелација со негово знаење и негов “амин”.
Апелирам до Иван Џолев вд претседател на судот да престане со влијание и притисоци кои доаѓаат од неговиот властодавател Зоран Заев и да престане да испорачува постапки и пресуди по заевистички модел и желба. Да го потсетам претседателот Џолев дека ниедна функција не е вечна, па во тоа име нека види каде е сега неговиот претходник кој верувам дека има многу помалку гревови и незаконски дејствија од самиот Џолев!
Апелирам до претседателот на Судскиот совет и до сите членови со внимание и активно да ја следат оваа судска катастрофа и да ги преземат сите расположливи законски средства за спречување на ова судско насилие и кршење на правосудната библија, а тоа е ЗКП.
Вие почитувани членови на РСС сте законски инструмент во борбата против злоупотребите на судиските функции па во таа смисла апелирам да постапите веднаш после овој јавен апел и после писменото кое го упатив до вас на одлучување! Аргументи и факти имате и повеќе од потребно, а дали имате волја и чесна намера останува да видиме“, пишува Јовановски во писмото.