По приказната за Амбла, актерката Трпркова раскажа сеќавање од Холандија: Мајките се пријавуваа да работат со дете со Даунов синдром


Синоличка Трпкова македонска глумица и професорка на ФДУ, по приказната за Амбла, сподели сеќавање од времето кога нејзината ќерка се школувала во Холандија, каде учела во клас со дете кое имало пречки во развојот. Трпкова посочува дека таму мајките доброволно се пријавувале да работат со соученикот на нивните деца, наместо, како во Македонија, кои бараа детето да биде исклучено од класот.
„Се сеќавам, 2004, кога ќерка ми тргна на школо во Холандија, во класот имаше детенце со даунсиндром. Сандер се викаше. Мајките на децата доброволно се пријавуваа да работат по еден час во школото со класот. Тоа беше вообичано тогаш, верувам сеуште е. Инволвираноста на родителите во школо има длабока смисла. Сите мајки имаа некаков ангажман. Мајка за комјутер, мајка за прошетка, мајка за палачинки, мајка за танц итн. Јас бев мајка за компјутер. Имав задача еднаш до два пати во неделата еден час да работам со дечињата на компјутер. Игри за развивање на логика. Игри на вклопување бои, форми итн. Сандер седеше кај мене во скут и секогаш кога компјутерот ќе дадеше весел сигнал на успешно завршена задача потскокнуваше од радост, ја вртеше главата и со очињата бараше потврда од мене. Сандер седеше две години во класот и беше омилен другар на сите деца. Му помагаа кога требаше и сите без исклучок, го сочекуваа и поддржуваа во активностите. Со радост, со бодрење, со отворено срце“, раскажува Трпкова.
По две години Сандер морал да замине во друго школо, посочува Трпкова.
„Децата не разбираа зошто. Тие не размислуваа ниту пак некогаш посочија, за тоа дека Сандер е поинаков од нив. Мајките, колку и банално да звучеше нивната ангажираност, со задоволство ги играа дадените улоги, секое утро, од 9-10, на смени. Доброволната инволвираност и интерес на родителите во образовниот процес (иако дел од нив и работеа), само укажува на еден поинаков систем на вредности, поразличен од оној -„да се отфрли детето на школо“. Понекогаш мислам дека ваквото искуство, за мене како мајка од Балкан е повредно од сите дипломи и успеси. Но и после толку години обиди за пренесување на моите искуства овде, разбрав дека кај нас ништо од тоа нема да може да се имплементира. Зашто во суштина никому не му гајле ниту за системот, а уште помалку за иднината, со акцент на партиите и нивната племенска култура, како кројачи на нашите животи!“, додава глумицата.
