Македонија

ИРЛ објави: „Раѓањето на империјата ‘Зегин’ – Швајцарски сметки, банкротирани исландски фондови и една долга приватизација“

Благој Механџиски во јавноста е познат како сопственикот на првиот приватен и најпрофитабилен синџир аптеки во оваа држава. Себеси се нарекува човек од народот. За него и за брендот „Зегин“ во медиумите најчесто ќе прочитате само добри работи, пишува ИРЛ. Истражувачите додаваат: „Фармацевтскиот тајкун за себе вели дека нема динар во банка. Но, протечените податоци од швајцарската ‘Кредит Свис’ ќе нè доведат до првите траги на парите што се употребени за градењето на еден од водечките национални брендови – империјата ‘Зегин’“.

Според нив: „Пребарувањето низ протечените сметки од „Кредит Свис“ нè врати во 2006 година – еден месец пред парламентарните избори кога Бучковски ќе одлучи да ги продаде „Градски аптеки“… Според протечената база на податоци од банката во Цирих, сите сметки во кои се јавува Благој Механџиски се отворени во јануари 2007 година. Две се регистрирани на 12 јануари на негово лично име, а третата е отворена на 25 јануари на правно лице, чиј потписник е Механџиски. Максималните суми на секоја сметка поединечно се 3,5 милиони швајцарски франци, како и пет милиони и 13,3 милиони франци. Во телефонски разговор со ИРЛ, Благој Механџиски потврди дека сметките постојат, но вели дека сите се сметки на фондот „Мајлстоун“, а не и лични. По само шест месеци откако Исланѓаните ќе купат удели во „Зегин“, Благој Механџиски во јануари отвора три сметки во банката „Креди Свис“. На една од нив ќе има пет милиони франци или речиси онолку пари колку што „Мајлстоун“ уплатил во „Зегин“. ИРЛ во Централниот регистар побара увид во сите фирми поврзани со семејството Механџиски. Империјата „Зегин“ има десетина активни и неколку ликвидирани компании. Добивме стотици документи во кои може да се види кој е актуелен сопственик на фирмата, сите промени што биле направени и финансиските извештаи од основањето досега“.

ИРЛ се повикува и на документи: „Само еден ден по отворањето на третата сметка во швајцарската банка, односно на 26 јануари 2007 година, Механџиски како физичко лице ги засилува своите бизнис-активности и купува дел од винарницата „Лозар“ од Велес за 1,1 милион евра. Еден месец по отворањето на последната сметка, тој ќе купи уште акции во „Градски аптеки“, овој пат тоа ќе биде пакетот акции на работниците. Со партнерите од „Мајлстоун“ во јули 2007 година ќе отвори уште една заедничка фирма – „ММ инвестмент“ во која Механџиски и „Мајлстоун“ ќе вложат по 2,2 милиони евра, а по еден месец ја зголемуваат главнината на фирмата за уште два милиони евра. Првичната дејност на „ММ инвестмент“ е трговија на големо со млечни производи, јајца, масла и масти за јадење, а потоа се пренаменува во холдинг-компанија кој станува сопственик на имотот на винарницата „Лозар““.

Од ИРЛ се децидни: „Со незаконски одлеани пари од Исланд се инвестирало во ‘Зегин’“

ИЗВОР И ПОВЕЌЕРаѓањето на империјата „Зегин“: Швајцарски сметки, банкротирани исландски фондови и една долга приватизација | ИРЛ (irl.mk)

На почеток