Во Тетово блокирано отворање на казино, граѓаните најавија радикализирање ако не им се слушнат барањата
Со протест, жители на Тетово не дозволуваат да се отвори казино во близина на градинка. Тие блокираа крстосница и порачаа дека ќе се радикализираат доколку нивните барања не бидат слушнати од надлежните институции. На собирот, присутен беше и тетовскиот градоначалник Биљал Касами кој ги слушаше барањата. Доколку казиното, сепак се отвори, тие повторно ќе бидат на улица.
„Ги повикуваме сите кои носат одлуки, доколку овие повици не се земат во предвид, тогаш ќе се организираме на републичко ниво. Ќе докажеме дека политиката мора да биде во служба на граѓаните“, рече еден од граѓаните.
Тие побараа во Собранието побрзо да се усвои законот со кој казината и обложувалниците ќе мора да бидат оддалечени 300 метри од училиштата. Тоа е предвидено со измените на Законот за игри на среќа. Ова значи дека казината ќе треба да бидат на периферијата.