Актуелно

Пад на акциите ширум светот, скок на цените на суровините по рускиот напад на Украина

Акциите паднаа на берзите ширум светот бидејќи шокот од рускиот напад врз Украина предизвика стравови на пазарите на капитал и го зголеми притисокот врз високата инфлација, која веќе ја оптоварува глобалната економија.

Изненадени од руската инвазија на Украина, Њујоршката берза почна нагло да паѓа, а инвеститорите се оддалечија од тргувањето со акции.

Во првите продажби индексот Dow Jones падна за 2,3 отсто, Nasdaq индексот кој има силен технолошки состав загуби 2,74 отсто, а проширениот S&P 500 индекс падна за 2,32 отсто.

Акциите во Европа паднаа уште повеќе откако официјалните лица ги осудија потезите на Русија како „брутален чин на војна“, така што германскиот индекс DAX падна за речиси пет проценти.

Futsi 100 во Лондон падна за 3,1 отсто кога Европа се разбуди со вестите за експлозии во украинскиот главен град Киев, Харков и други области, парискиот CAC 40 загуби четири отсто.

Московската берза утрово накратко го прекина тргувањето на сите пазари. Кога продолжи тргувањето, индексот MOEX со деноминација во рубљи падна за повеќе од 20 отсто.

Конфликтот, покрај човечкото страдање, се чини дека предизвикува уште поголем пораст на цените на енергијата и храната. Русија и Украина се водечки производители не само на енергетски производи, туку и на житарки и други стоки. Војната може да го наруши глобалното снабдување, како и санкциите наметнати од САД и нивните сојузници.

Цените на нафтата од двете страни на Атлантикот скокнаа близу или над 100 долари за барел, на највисоко ниво од 2014 година, зголемувајќи се за повеќе од шест отсто. Скокнаа и големопродажните цени на нафтата за греење, житариците и другите стоки.

Цената на природниот гас во Европа, кој зависи од испораките од Русија, скокна за цели 31 отсто.

На почеток