Свет

По ЕУ, и Бајден ќе го санкционира Путин

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе го санкционира рускиот претседател Владимир Путин и другите високи функционери во Москва како одговор на руската инвазија на Украина, потврди во петокот портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Овој потег следи откако Европската унија претходно објави дека директно ќе ги санкционира Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров поради нападот на земјата врз соседна Украина.

Псаки рече дека САД, по разговорите со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ќе им се придружат на европските сојузници во санкциите на Путин, Лавров и другите членови на рускиот тим за национална безбедност.

Администрацијата на Бајден во последниве денови ги засилува санкциите кон Москва, работејќи во координација со европските сојузници за преземање мерки без преседан со надеж дека ќе го одврати Путин од нападот на Украина.

На почеток