Мнозинство пратеници изгласаа потреба од менување на Кривичниот законик. Измените се предложени од пратенците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска и Весел Мемеди.
Со измените на Кривичниот законик кои се ставени на дневен ред на денешната собраниска седница се предлагаат измени на членот 275-в кој се однесува за злоуптреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набвки или јавно -приватно партнерство. Измените се во ставот 3 во кој се намалува затворската казна од 5 на 4 години.
Менувањето на законикот во јавноста се сфаќа како амнестија на лица обвинети од страна на СЈО, за низа отворени предмети. Па така, синот на пратеничката Владанка Авировиќ која гласаше за уставни измени, обвинет во случајот „Труст“ на СЈО, ќе може да добие условна казна.
Проценките се дека со ова ќе се создаде можност да се протне амнестија низ мала врата, односно дека ќе се отвори можноста десетици обвинети или осомничени во предмети на специјалното јавно обвинителство да се спасат од одговорност или евентуално да добијат пониски казни.
Неофицијално,се зборува дека и на ваков начин власта се обидува да го обезбеди двотретинското мнозинство во Парламентот за носење на уставните измени.
Премиерот Заев вчера изјави дека сѐуште нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека засега има обезбедено 76 гласови од пратениците.
Овој член од КЗ се наоѓа и пред Уставниот суд, каде што е отворен предмет за оценување на уставноста. Иницијативата во септември ја поднесе адвокатот Еленко Миланов, кој брани повеќе обвинети во предметите на СЈО. Но од уставниот суд засега нема информација како е одлучено по барањето на адвокатот.
