Свет

Мариупол: Засолништето во театарот издржа, има преживеани, но не се знае точниот број

Засолништето под театарот во опколениот град Мариупол издржа руски воздушен напад, а се верува дека има преживеани, изјави денеска претставник на канцеларијата на градоначалникот.

Украина вчера ги обвини руските сили дека фрлиле моќна бомба врз театар во кој стотина цивили, меѓу кои и многу деца, се криеле повеќе од две недели од опсадата на пристанишниот град.

„Урнатините се расчистуваат. Има преживеани. Се уште не го знаеме бројот на жртвите“, изјави советникот на градоначалникот Петро Андрушченко во телефонски разговор за Ројтерс. Тој рече дека спасувачите се обидуваат да стигнат до преживеаните и дека се утврдува бројот на жртвите.

И украинскиот пратеник Серхи Тарута на својата Фејсбук страница напиша дека има преживеани по нападот на театарот во Мариупол, каде цивилите биле засолнети.

„По ужасна ноќ на неизвесност, утрото на 22-от ден од војната, конечно добри вести од Мариупол! Засолништето за бомби издржа. Луѓето излегуваат живи!“, напиша тој.

Русија негира дека го бомбардирала театарот. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захаров денеска изјави дека тврдењето дека Русија го бомбардирала театарот е „лага“.

Таа ги повтори тврдењата на Кремљ дека руските сили не гаѓаат цивилни области: „Руските вооружени сили не бомбардираат градови“, рече Захарова на брифингот.

На почеток