Зеленски до Русите: Замислете 14.000 трупови на стадионот во Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово одговори на појавувањето на рускиот лидер Владимир Путин на стадионот во Москва од каде испрати порака.
Зеленски се огласи еден ден откако Путин ја пофали „специјалната воена операција“ во Украина како „херојска“ мисија на руската војска за време на патриотскиот митинг на стадионот „Лужники“ во Москва пред десетици илјади Руси.
„Сто илјади луѓе пред стадионот, заедно со 95.000 во самата арена, приближно одговараат на бројот на руски војници кои влегле во Украина“, рече Зеленски во видео пораката во саботата наутро.
„И сега замислете 14.000 трупови на овој стадион со уште десетици илјади ранети и осакатени“, рече тој, мислејќи на украинските проценки за руските загуби од почетокот на војната.
Зеленски уште еднаш повика на итен прекин на конфликтот. „Војната мора да заврши, предлозите на Украина се на маса“, изјави тој за украинскиот весник „Јустис“.