Руската армија е целосно деморализирана, тврдат Украинците
Украинската армија во својот извештај утринава тврди дека руските сили во Украина се целосно деморализирани, поради што Русија е принудена да ангажира поранешни војници за да ги надомести големите загуби.
Воените службеници активно ги повикуваат пензионираните војници, особено оние кои веќе имаат искуство во борба, тврди украинската војска во новиот дневен извештај на Фејсбук.
Тие велат дека „руските сили се деморализирани“ поради отпорот на Украина во делови од земјата, пред се на исток и југ. Што се однесува до Мариупол, кој има околу 100.000 жители кои се опколени од руските сили и немаат пристап до храна и лекови, Украинците тврдат дека во тој град спроведуваат т.н. „кружна одбрана“.
Западните разузнавачки агенции наведуваат дека Русите не напредуваат во Украина, туку ги зајакнуваат одбранбените позиции. Според најновата проценка на Институтот за воени студии, руските сили не извршиле значајни напади оваа недела.
Украинската армија наведува и дека ги евидентира активните напори на Русите да го зголемат количеството на руска и белоруска воена опрема долж границата, но не соопштуваат детали.