Свет

Бајден денес ќе го презентира планот за нови притисоци на Русија

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска патува за Брисел на разговори со европските лидери за руската инвазија на Украина, каде ќе ги претстави плановите на САД за дополнителни санкции против Москва, за кои извори рекоа за Ројтерс да бидат вклучени и членови на рускиот парламент.

Претходно од Белата куќа беше соопштено дека патувањето на Бајден во Европа ќе опфати разговори во Брисел, со НАТО и европските лидери и посета на Варшава поради консултации со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Два извори запознаени со ситуацијата изјавија за Ројтерс дека американскиот претседател и неговиот тим подготвуваат планови за воведување санкции против пратениците на руската Дума, како дел од одговорот на руската инвазија на Украина, а во четврток се очекува да бидат објавени нови санкции.

Според овој план, околу 300 членови на Думата би можеле да се соочат со санкции, наведува Ројтерс, повикувајќи се на американскиот весник Волстрит журнал.

Портпаролот на Белата куќа претходно изјави дека „не е донесена конечна одлука за тоа кој ќе биде санкциониран и до кој степен ќе бидат продолжени санкциите“.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан вчера изјави дека Бајден ќе им се придружи на сојузниците во заострувањето на санкциите кон Русија и воведувањето нови во врска со нападот врз Украина и дека ќе присуствува на вонредниот самит на НАТО во четврток и ќе се сретне со лидерите на Г7 и Европската унија во седница на Европскиот совет.

За време на посетата на Полска, Бајден ќе ги посети американските војници и ќе се сретне со експерти вклучени во хуманитарната акција за помош на стотици илјади Украинци кои ја напуштија својата земја и на оние кои останаа таму, наведува Ројтерс.

На почеток