Свиркач: Руски агенти се незадоволни од санкциите, ризикот од државен удар расте
Ризикот од државен удар на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) против претседателот Путин секоја недела расте додека војната во Украина продолжува, изјави свиркач од самиот врв на руската разузнавачка служба, пренесува Гардијан.
Свиркачот тврди дека хаос и незадоволство ги зафатиле безбедносните служби по неуспешната руска инвазија на Украина.
Ова го соопшти Владимир Осечкин, протеран руски активист и основач на група за човекови права, кој тврди дека анонимен руски разузнавач сето тоа го пишува во писмата што ги добива и кои ги објавил.
„Руските агенти повеќе не можат да одат во нивните вили во Италија“
Осечкин изјави за Тајмс дека ризикот што го преземале разузнавачите за да проговорат е знак на нивниот растечки гнев кон Путин и незадоволството од санкциите што ги засегаат агентите на ФСБ кои повеќе нема да можат да одат на одмор во своите вили во Италија и да ги носат своите деца во Дизниленд, Париз.
Говорејќи од својот дом во Франција, каде што живее во азил од 2015 година, Осечкин рече: „Путин создава стабилност во Русија веќе 20 години. Службениците на ФСБ, полицајците, државните обвинители – овие луѓе во системот – би можеле да живеат многу добро.
Но сега сето тоа го нема. Тие признаваат дека оваа војна е катастрофа за економијата, за човештвото. Тие не сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз.
Секоја недела кога продолжува оваа војна, се зголемува можноста за бунт од сите овие неистомисленици во безбедносните служби“.