Магазин

(ВИДЕО) Дарко Влогс проговори за анксиозноста: ’Дотата’ многу ми помогна

Инфлуенсерот Дарко Јефремов, познат уште како Дарко Влогс, со години живее и работи како камионџија во Чикаго, САД. Со него од неодамна живее и неговата сопруга Даниела од Битола, со која се ожени лани во август. Тој често споделува видеа на „Инстаграм“ од својот секојдневен живот, па така и овој пат кога првпат со солзи во очите искрено проговори за проблемот со анксиозноста, паничните напади, но и од каде потекнува сето тоа.

Тој во видеото анксиозноста ја опишува како ситуација за која човекот што се бори со неа не може да му објасни на друг човек што не е анксиозен. Тој вели дека сите оние што ја имаат оваа состојба знаат како таа влијае врз нивниот живот. Тој додава дека луѓето често немаат разбирање за анксиозните луѓе, па дури и тој не ја сфаќал сопствената мајка кога се соочувала со овој проблем.

„Живеев во Скопје, а студирав во Битола, по што заминав да работам на брод, каде што ја запознав мојата прва жена, која ме убеди да дојдам тука во Америка. По 2 месеца заеднички живот, забележав дека нешто не е во ред и дека таа е патолошки лажго. Не сакам да откривам детали за тоа што сè ми се случуваше бидејќи не сакам да се навраќам на тие моменти затоа што ми се загрева телото. Едвај ги заборавив тие моменти, но се потсетив пред една недела кога почнавте да ми раскажувате ваши ситуации на ‘Инстаграм стори’“, вели Дарко.

Тој додаде дека се соочил со многу стресни ситуации, како пукање, бркање со ножеви и тепање, кои ги доживеал буквално како борба за живот.

„Бев во премногу лоша ситуација затоа што бев дојден тука сам, ниту пријатели, ниту роднини ниту, пак, знаев некого за да можам да му кажам за да ми помогне, а особено не можев тие ситуации да им ги кажувам на моите дома, па ним да им правам стресови. Па целата паника се собираше во мене, а јас не можев никому да му кажам“, вели Дарко.

Тој додава дека живееле 10-12 луѓе во огромната куќа на нејзиното семејство. По петмесечна борба со самиот себе, нејзините сфатиле што се случува и одлучиле да ја избркаат од дома, а него го удомиле додека да застане на свои нозе и да си ја подобри својата ментална состојба. Иако цело време биле свесни за тоа низ што сè помунва, сепак не знаеле како да му помогнат.

Дарко се осврна на моментот кога почнала да го напаѓа анксиозноста велејќи дека во еден период пушел по три кутии цигари на ден и многу пиел, а премалку јадел.

„Некои вечери се будев буквално со чувство дека срцето ќе ми излезе, некоја болка ме стегаше во градите и немав воздух, како да се задушував. Тогаш не знаев дека поминувам низ нешто. Не бев едуциран. Исто така, и мајка ми кога имаше анксиозност, ние ја правевме жената будала, ништо не ти е, доста глумиш. Затоа што не знаевме тогаш што е тоа“, вели Дарко.

Тој додава дека уште поголема паника го фатило што во Америка немал ниту здравствена книшка.

„Едноставно, лежиш во креветот, се препотуваш и броиш до 100 обидувајќи се да се смириш. Така беше 16 дена и на 17-тиот се обидов да најдам решение. Ме мачеше што да правам, што ако се вратам дома, понижувањето, како ќе објаснам зошто жената ме оставила, како на домашните да им објаснам што поминав, самиот си ги правев сите стресови и сфатив дека треба да најдам нешто за мозокот да ми биде зафатен со некои работи“, вели Дарко.

Тој додава дека размислувал да почне да се занимава со некоја физичка активност, како пешање или трчање, да земе милениче и така дошол да идејата да почне да игра „Дота“. Почнал да ја игра од утро до мрак, цели шест месеци. Паничните напади му се намалиле бидејќи се заморувал од играње. Потоа зел работна и возачка дозвола бидејќи стресот од враќање дома се изгубил. Сфатил дека му требаат работа и штедење, цврсто верувајќи дека ќе успее.

„’Дотата’ многу ми помогна. До ден-денес имам последици од анксиозноста, не можам да кренам слушалка на телефон кога ми се јавувате, сакам преку пораки да ги решам работите, од журки со многу луѓе ме фаќа паника. Среќа ми е Бебо (сопругата Даниела), таа е мојот баланс за сите мои работи. Со неа можам да се опуштам меѓу луѓе, да прошетам каде сакам, да направам муабет кога сме со друштво. Со неа се чувствувам посигурен, се опуштам“, вели Дарко.

Тој додава дека ова било неговиот полесен начин јавно да се искаже за тоа низ што сè поминал.

„Супер сум, дечки, ова е само момент. Сега ќе спуштам камерата, ќе изиграм една ‘Дота’ и ќе се опуштам“, вели Дарко.

На почеток