Свет

Путин ја спомна авторката на „Хари Потер“ во својот говор, па таа реагираше

Џ.К. Роулинг, авторката на романите „Хари Потер“ што денеска ја спомна рускиот претседател Владимир Путин велејќи дека „Западот се откажал од Џ.К. Роулинг, а сега сака да се откаже и од Русија“, му одговори на рускиот претседател.

Таа на „Твитер“ сподели статија за затворениот критичар на Путин, Алексеј Навални, и напиша: „Критиката на западната култура за откажување (cancel culture) не треба да доаѓа од оние што моментно убиваат цивили што даваат отпор или од оние што ги затвораат и трујат нивните критичари“.

Заедно со твитот таа ја стави и назнаката #ISTandWithUkraine („Стојам покрај Украина“).

Претходно, во својот говор Путин ја критикува т.н. култура за откажување на Западот и рече дека е невозможно да се замисли такво нешто да се случи во Русија.

Рускиот претседател ја наведе авторката на „Хари Потер“, Џ.К. Роулинг, како личност што била откажана поради нејзиниот став за родовите права.

На почеток