Денеска во партиските простории на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, се одржа предновогодишно дружење каде присутни беа голем број членови и симпатизери на партијата.
Претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески во изјава за медиумите потенцираше дека изминатата 2018 година беше една од најтешките во историјата на Македонија и Прилеп.
„Зад нас е година која ни донесе многу црнила, сиромаштија и економска криза. Во оваа година видовме зголемување на цените на сите производи, се зголеми цената на лебот, на горивата… Во Прилеп наместо да имаме пониски сметки за вода од 20% како што вети градоначалникот, ќе имаме сметки повисоки за 70%. Видовме земјоделци како ги фрлаат своите производи, во оваа година сме газени, понижувани, ни се газеше врз честа, гордоста и достоинството.
Со странски и домашни, со сите сили, ни се одзема она вековното, ни се одзема името Македонија и се распродава македонската култура и историја. Но, пред нас следува нова година, година на недежи, година на одлуки и промени. Во следната година ќе имаме шанса да ги промениме и да ги победиме овие црнила и да ги сместиме во старата година како спомен на едно темно, мрачно минато.
Почитувани сограѓани, ви ја честитам новата година, ви посакувам здравје пред се, среќа, љубов вас и на вашите најблиски, благосостојба и мир на вашите семејства. Да ни се за многу години празниците”, изјави Ристески.