Бајден: Путин можеби ставил некои советници во домашен притвор
Американскиот претседател Џо Бајден изјави за каналот Фокс њуз дека „постојат индиции дека Путин отпуштил или ставил некои од неговите советници во домашен притвор“.
„Гласини кружат, не велам дека тоа е сигурно, но се чини дека Путин се изолирал и има некои индиции дека Путин отпуштил или ставил некои од неговите советници во домашен притвор“, рече Бајден.
„Но, не сакам да обрнувам премногу внимание на тоа во моментов, бидејќи немаме доволно силни докази“, додаде тој.
Америка: Путин мисли дека војската го залажува за војната во Украина
Американски функционер вчера изјави дека поради неуспехот на руската армија во Украина растат тензиите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и воените команданти, односно Министерството за одбрана.
Рускиот претседател, според американскиот функционер, смета дека војската го „измамила“ во извештаите за инвазијата на Украина. Официјалниот претставник додаде дека информациите за загубите на Русија, но и за влијанието на западните санкции, не стигнуваат до Путин бидејќи „неговите советници не се осмелуваат да му ја кажат вистината“.
„Постои тензии меѓу Путин и Министерството за одбрана поради недовербата на Путин кон лидерите на министерствата. Путин не знаеше дека војската во Украина користи и губи регрути, што јасно покажува дефект во системот за известување на рускиот претседател“, рече функционерот.