Украина: Некои хуманитарни коридори не функционираат. Ситуацијата е многу тешка
Заменик-министерот за здравство на Украина, Олексиј Јаременко утрово за Скај зборуваше за тешката хуманитарна ситуација во Украина. Тој рече дека руските сили продолжуваат да ги таргетираат станбените области, болниците и социјалните згради низ Украина.
„Во некои региони хуманитарните коридори не функционираат. Не можеме да носиме лекови, вода и храна во градовите, особено Мариупол и Чернихив“, рече Јаременко.
„Ситуацијата е многу тешка. Навистина треба да отвориме хуманитарен коридор за да им донесеме лекови на луѓето во болниците“, додаде тој.
Јаременко рече и дека Украина досега добила повеќе од 2.600 тони лекови и медицинска опрема. Сепак, тој истакна дека им треба повеќе.
Конкретно за Мариупол, тој рече дека последните 36 дена не можеле да достават лекови до тој пристанишен град.
„Всушност, немаме јасна слика колку е тешка хуманитарната криза таму, но таа беше критична во последните неколку недели“, заклучи украинскиот заменик министер.