Обвинение за нападот врз новинарска екипа во Ѓурѓевиште
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог против 50-годишен жител на селото Ѓурѓевиште, општина Врапчиште, кој се товари дека сторил кривично дело – Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница од член 133 од Кривичниот законик.
На 16 февруари, обвинетиот ги забележал двајцата оштетени – новинар и снимател во тетовска телевизија кои снимале прилог за училиштето во селото. Тој најпрвин започнал караница со нив, упатувајќи им пцовки и погрдни зборови, а потоа зел секира со која започнал кон нив да замавнува. Оштетените веднаш се оддалечиле од местото и настанот го пријавиле во полициска станица.