Реконструкција на хрватската влада, Јандроковиќ: На Пленковиќ му треба време, се е отворено
Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ денеска изјави дека во овој момент се е отворено околу најавената реконструкција на владата и дека на премиерот Андреј Пленковиќ му треба уште малку време да излезе со своите предлози.
На прашањето за можни спојувања на министерства, Јандроковиќ рече дека „во овој момент се е отворено“.
– Нека излезе претседателот (Пленковиќ) со предлози и потоа ќе излеземе во јавноста и ќе објасниме – рече претседателот на парламентот во Гудовац, каде што учествуваше на Пролетниот меѓународен бјеловарски саем, пренесе Хина.
Запрашан кога се очекува реконструкцијата, Јандроковиќ посочи дека за тоа е задолжен премиерот, кој самиот рече дека му треба малку време.
На прашањето дали има критериуми кои министри си заминуваат, а кои остануваат, Јандроковиќ повтори дека Пленковиќ ги избира своите соработници и тим.
– Така било секогаш, така ќе биде и сега. Прво пред ХДЗ, а потоа и пред коалиционите партнери ќе презентира што планира. После тоа ќе одиме во хрватскиот Сабор – рече Јандроковиќ.
Во последните денови медиумите во Хрватска шпекулираат дека Пленковиќ ќе смени најмалку тројца, а не се исклучува можноста да смени дури седум министри.