„Позицијата на Русија за Крим и Донбас останува непроменета“, вели Медински
Русија денеска соопшти дека мировните преговори со Украина ќе продолжат утре со видео конференција.
„Нацрт-договорот не е подготвен за самитот. Повторувам повторно и повторно: позицијата на Русија за Крим и Донбас останува непроменета“, изјави рускиот главен преговарач Владимир Медински на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Медински рече и дека Киев почнал да покажува пореален пристап кон мировните преговори и дека Украина се согласила да биде неутрална, да нема нуклеарно оружје и да не се приклучува на НАТО и да одбие да биде домаќин на воени бази.
Но, во врска со прашањето за Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година и два самопрогласени региони во источен Донбас кои рускиот претседател Владимир Путин ги призна како независни во февруари, Медински нагласи дека нема напредок, според Ројтерс.
Медински, исто така, рече дека не го дели оптимизмот на украинскиот преговарач Дејвид Арахамија, кој за украинската телевизија во саботата изјави дека нацрт-договорот е доволно напреден за да овозможи консултации меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„За жал, не го делам оптимизмот на Арахамија. Покрај тоа, украинските дипломатски и воени експерти се далеку зад потврдувањето дури и на оние договори кои се веќе постигнати на политичко ниво“, рече Медински.